Систем за мониторинг и контрола


Најголемиот дел од топлинските станици (околу 80% од конзумот) се опремени со модерна регулациона опрема која може да се контролира и управува далечински, преку мониторинг систем на реномираниот германски производител Сименс. Автоматската регулација на испораката на енергија овозможува и заштеда и континуитет во квалитетот на греењето, без разлика на влезните параметри на топлоносителот во топлинската станица.

Во 2015 година беше имплементиран проект за уште посовршен SCADA систем, кој овозможува далечинска контрола и управување на дистрибутивниот систем во целина, со цел да се задоволат строгите барања за оптимизација на дистрибуцијата на топлинска енергија.
На 50 стратешки важни точки во дистрибутивната мрежа беа инсталирани контролери за далечинско греење, со кои е остварена постојана (real-time) комуникација и отчитување на параметрите на топлоносителот преку GPRS. Обилноста на податоците (притисоци, протоци, температури итн.) овозможи детален увид и темелна анализа во работата на дистрибутивниот систем и топлинските станици. Дополнително, во 2015, инсталирани се актуатори на седум стратешки клучни локации на дистрибутивната мрежа, кои управувани далечински преку SCADA системот, овозможуваат брзо и ефикасно откривање на загубите на топлоносител од дистрибутивната мрежа и со тоа поголема можност за обезбедување на сигурност и стабилност на системот во целост.

5

Новиот SCADA систем е од отворен тип, и во иднина може да се проширува, прилагодува и подобрува согласно потребите. Со оглед на позитивните искуства, Дистрибуција на топлина БАЛКАН ЕНЕРЏИ и во 2016 година ќе продолжи со вградување на SCADA контролери и понатамошен развој на софтверскиот дел на системот.