Дистрибуцијата на топлинска енергија се врши преку системот за дистрибуција на топлинска енергија кој се протега од точката на прием на произведената топлинска енергија, преку магистрални, секундарни, приклучни водови и топлински потстаници до мерното место, односно точката на испорака на топлинска енергија за греење на крајните потрошувачи.
Техничките карактеристики на дистрибутивниот систем се:
-
Дистрибутивен систем на цевководи – двоцевен
-
Должина на дистрибутивната мрежа – cca 200 km (400 km цевководи)
-
Температурен режим на примарна страна – 110/65 °С
-
Номинален притисок – 16 bar
-
Годишно дистрибуирана топлинска енергија – 500 GWh
Во дистрибутивната мрежа се користи хемиски подготвена и деаерирана вода, и истата се дистрибуира до потрошувачите преку доводни и повратни цевководи, најчесто изведени во бетонски канали, но и од предизолирани цевки поставени директно во земја. Дополнително, во процесот на дистрибуција на топлинска енергија вклучени се и 5 активни препумпни станици.
Во текот на 2015 година беа поставени инјектирачки места со мерачи на проток на 111 поголеми делници од главните водови и ограноци, преку кои се врши напрегање на дистрибутивната мрежа под притисок во ремонтниот период, што придонесува за побрзо и поефикасно лоцирање и санирање на голем број на дефекти, а со тоа и поголема сигурност и стабилност на дистрибутивната мрежа. Поставувањето на инјектирачките места продолжува и понатами, со што нивната бројка во 2019 година порасна на 150.
Дистрибутивната мрежа е во сопственост на Република Северна Македонија, а Друштвото ја користи со Договор за регулирање на меѓусебните односи, склучен на 31.12.2012 година со надомест и со обврска за нејзино одржување и проширување.