Технологија на работа


Системот за дистрибуција на топлинска енергија, преку кој се врши пренос на топлинска енергија до потрошувачите на подрачјето на град Скопје е врзан на 3 топлани, од кои 2 се активни: топлана Исток и топлана Запад, со кои управува Друштвото за производство на топлинска енергија Производство на топлина БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје.

Дистрибуцијата на топлоносителот до потрошувачите се врши низ дистрибутивната мрежа, преку доводен цевковод, а по предавањето на енергијата на потрошувачите, истата, низ повратен цевковод, се враќа на повторно загревање во топланите. Циркулацијата на топлоносителот низ системот за дистрибуција на топлинска енергија (од топланите до топлинските потстаници и назад) се врши преку пумпи лоцирани во топланите, како и со препумпни станици поставени на неколку точки во мрежата.

Важен елемент од системот за дистрибуција на топлинска енергија е топлинската потстаница. Топлинските потстаници се дел од системот на дистрибуција на топлинска енергија кој се надоврзува на дистрибутивната мрежа. Тие се состојат од примарен и секундарен дел каде се врши регулација на влезните параметри на топлоносителот (температура и притисок) пред влез во грејната инсталација на потрошувачот и мерење на испорачаната топлинска енергија на мерно место.

Постојат два начина на испорака на енергијата во топлинските потстаници – со директен систем и со индиректен систем. Кај топлинските потстаници со директен систем, регулацијата се остварува со мешање на повратната вода од внатрешната грејна инсталација на потрошувачите и доводната вода од дистрибутивната мрежа, со што водата која циркулира низ дистрибутивната мрежа е истата која циркулира и низ внатрешната инсталација. Кај топлинските потстаници со индиректен систем, преносот на топлинска енергија од дистрибутивната мрежа на потрошувачите се врши преку топлиноизменувач, при што има речиси целосно или целосно издвојување на водата која циркулира низ дистрибутивната мрежа и водата која циркулира низ внатрешната инсталација.

1

Топлинска потстаница – директен систем

2

Топлинска потстаница – индиректен систем

Согласно стратешката определба за развој на системот за дистрибуција на топлинска енергија, новите топлински потстаници се изработуваат исклучиво како индиректни системи т.е. со топлиноизменувач.

Големо внимание се посветува на намалување на губитоците при преносот на топлинската енергија од топланите до топлинските потстаници. Поради тоа, континуирано се врши реконструкција и санација на старите цевководи и се поставуваат нови претходно изолирани цевки, со подобри карактеристики. За откривање на истекување и сигнализација, во изолацијата на овие цевки фабрички се вградени метални проводници. Металните проводници вообичаено се од бакар или Ni/Cr и како голи жици се инкорпорирани во термичката изолација по должина на цевката. Во случај на истекување на топлинскиот медиум или на надворешно оштетување на пластичната обвивка и навлегување на влага во изолацијата, лоцирањето на дефектот се врши со мерење на отпорот на металните проводници. Течењето од дистрибутивната мрежа се лоцира со помош на соодветна апаратура или мануелно, со инструмент со слушалки.

1