Инвестиции во 2014 година


Во 2014 година Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје реализираше инвестиции кои ја проширија и подобрија расположливоста на дистрибутивната мрежа, го зголемија конзумот и овозможија дел од постоечкиот конзум да се снабдува со топлинска енергија произведена од поефикасни енергетски постројки.

Врз база на техно-економски анализи, реконструктивните активности се изведоа на преддефинираните делници, со предизолиран систем, и ги заменија постоечките, дотраени, цевководи изведени со класичен каналски систем.

Предизолираните цевки поседуваат одлични технички карактеристики, апликативни за употреба во грејни системи. Тие фабрички се произведуваат под строги стандарди со вградена термичка изолација, хидроизолација и систем за детекција на истекување. Нивната инсталација се врши директно во земјата, елиминирајќи ја потребата од градење бетонски канали за заштита на цевководот од вкрстување со фекална и водоводна инсталација, која е склона на протекувања.

investicii

 Предизолирани цевки

Генерални карактеристики на предизолираниот систем:

  • Ефикасна термичка изолација

Клучна компонента на ефикасноста на предизолираните цевководни системи е високо квалитетната полиуретанска пена, која обезбедува одлично ниво на изолација – се постигнува ниско ламбда ниво, што резултира со значително намалени загуби на топлинска енергија при нејзината дистрибуција.

  • Издржлива надворешна обвивка

Надворешната обвивка на цевката е од полиетилен со висока густина (HDPE), таа е водоотпорна, ги издржува дилатациите на системот и ја штити цевката од надворешни влијанија. Со ова е овозможена директна инсталација на цевката во земја, што значително го забрзува процесот на изведба и ги намалува изведбените трошоци.

  • Систем за детекција на истекување

За откривање на истекување и сигнализација, во термичката изолација на цевките фабрички се вградени метални спроводници. Металните проводници вообичаено се од бакар или Ni/Cr и како голи жици се инкорпорирани во термичката изолација по должина на цевката. Во случај на истекување на топлинскиот медиум или на надворешно оштетување на пластичната обвивка и навлегување на влага во изолацијата, лоцирањето на дефектот се врши со мерење на отпорот на металните проводници.

Реализирани инвестиции во 2014 година:

1. Реконструкција и продолжување на дел од секундарен вод Ц1.020

Реконструкција и продолжување на секундарен вод Ц1.020, делница во должина од 748,5 m и димензија на цевка DN350. Со ширењето на градот и изградбата на нови објекти се појави потребата од продолжување на водот, со цел да им се овозможи на новите објекти приклучување на системот за далечинско греење, без притоа да се намали безбедоста и квалитетот на снабдување со топлинска енергија. Со реконструкцијата со предизолирани цевки, проценетото намалување на топлинските загуби при дистрибуцијата на топлинската енергија на оваа делница на годишно ниво е од  242,49 MWh на 90,21 MWh.

investicii-slika

Состојба на водот пред реконструкција Состојба на водот по реконструкција

2. Реконструкција на дел од магистрален вреловод Б1.000

Реконструкција и зголемување на дијаметарот на магистралниот вреловод Б1.000, делница во должина од 540 m и зголемување на дијаметарот од DN450 на DN500. Со реконструкцијата со предизолирани цевки, проценетото намалување на топлинските загуби при дистрибуцијата на топлинската енергија на оваа делница на годишно ниво е од 220,95 MWh на 105,44 MWh.

investicii-slika-3

Состојба на водот пред реконструкција Состојба на водот после реконструкција

3. Препумпнa станицa на дистрибутивната мрежа на вод Б1

 investicii-slika-4Во 2014 година се интегрираа мрежите на топланата Исток и топланата Запад, со тоа се поврзаа дистрибутивните мрежите на двете топлани и се овозможи проширување на конзумот на топлана Исток. Топлана Исток произведува, но и превзема енергија од когенеративната постројка за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД. Со изградбата на препумпнa станицa на дистрибутивната мрежа поставенa на вод Б1, се овозможи снабдување на дополнителен конзум со поефикасно произведена топлинска енергија

4. Поврзување на мрежите на ТО Исток и ТО 11 Октомври

Со изградба на оваа нова делница се овозможи врска меѓу ТО Исток и мрежата на ТО 11 Октомври.  Вкупната должина на новата делница е околу 1025 m, со димензии на цевки DN400. Покрај поврзувањето на мрежите на ТО Исток и ТО 11 Октомври, со овој проект се овозможи и предуслов за исклучување на ТО 11 Октомври од системот и префрлање на нејзиниот конзум на ТО Исток.