Технички податоци


Дистрибуцијата на топлинска енергија се врши преку системот за дистрибуција на топлинска енергија кој се протега од точката на прием на произведената топлинска енергија, преку магистрални, секундарни, приклучни водови и топлински потстаници до мерното место, односно точката на испорака на топлинска енергија за греење на крајните потрошувачи.

Техничките карактеристики на дистрибутивниот систем се:

  • Дистрибутивен систем на цевководи – двоцевен

  • Должина на дистрибутивната мрежа – cca 200 km (400 km цевководи)

  • Температурен режим на примарна страна  110/65 °С

  • Номинален притисок  16 bar

  • Годишно дистрибуирана топлинска енергија  500 GWh

Во дистрибутивната мрежа се користи хемиски подготвена и деаерирана вода, и истата се дистрибуира до потрошувачите преку доводни и повратни цевководи, најчесто изведени во бетонски канали, но и од предизолирани цевки поставени директно во земја. Дополнително, во процесот на дистрибуција на топлинска енергија вклучени се и 5 активни препумпни станици.

Во текот на 2015 година беа поставени контролни мерила на проток на 111 поголеми делници од главните водови и ограноци, преку кои се врши напрегање на дистрибутивната мрежа под притисок во ремонтниот период, што придонесува за побрзо и поефикасно лоцирање и санирање на голем број на дефекти, а со тоа и поголема сигурност и стабилност на дистрибутивната мрежа. Поставувањето на контролните мерила продолжува и понатаму, така што вкупниот број надмина 150.

Дистрибутивната мрежа е во сопственост на Република Северна Македонија, а Друштвото ја користи со Договор за регулирање на меѓусебните односи, склучен на 31.12.2012 година со надомест и со обврска за нејзино одржување и проширување.

Технологија на работа

Системот за дистрибуција на топлинска енергија, преку кој се врши пренос на топлинска енергија до потрошувачите на подрачјето на град Скопје, презема топлинска енергија од регулиран и нерегулиран производител.

Дистрибуцијата на топлоносителот до потрошувачите се врши низ дистрибутивната мрежа, преку доводен цевковод, а по предавањето на енергијата на потрошувачите, истата, низ повратен цевковод, се враќа на повторно загревање во топланите. Циркулацијата на топлоносителот низ системот за дистрибуција на топлинска енергија (од топланите до топлинските потстаници и назад) се врши преку пумпи лоцирани во топланите, како и со препумпни станици поставени на неколку точки во мрежата.

Важен елемент од системот за дистрибуција на топлинска енергија е топлинската потстаница. Топлинските потстаници се дел од системот на дистрибуција на топлинска енергија кој се надоврзува на дистрибутивната мрежа. Тие се состојат од примарен и секундарен дел каде се врши регулација на влезните параметри на топлоносителот (температура и притисок) пред влез во грејната инсталација на потрошувачот и мерење на испорачаната топлинска енергија на мерно место.

Постојат два начина на испорака на енергијата во топлинските потстаници – со директен систем и со индиректен систем. Кај топлинските потстаници со директен систем, регулацијата се остварува со мешање на повратната вода од внатрешната грејна инсталација на потрошувачите и доводната вода од дистрибутивната мрежа, со што водата која циркулира низ дистрибутивната мрежа е истата која циркулира и низ внатрешната инсталација. Кај топлинските потстаници со индиректен систем, преносот на топлинска енергија од дистрибутивната мрежа на потрошувачите се врши преку топлиноизменувач, при што има речиси целосно или целосно издвојување на водата која циркулира низ дистрибутивната мрежа и водата која циркулира низ внатрешната инсталација.

1

Топлинска потстаница – директен систем

2

Топлинска потстаница – индиректен систем

Согласно стратешката определба за развој на системот за дистрибуција на топлинска енергија, новите топлински потстаници се изработуваат исклучиво како индиректни системи т.е. со топлиноизменувач.

Големо внимание се посветува на намалување на губитоците при преносот на топлинската енергија од топланите до топлинските потстаници. Поради тоа, континуирано се врши реконструкција и санација на старите цевководи и се поставуваат нови претходно изолирани цевки, со подобри карактеристики. За откривање на истекување и сигнализација, во изолацијата на овие цевки фабрички се вградени метални проводници. Металните проводници вообичаено се од бакар или Ni/Cr и како голи жици се инкорпорирани во термичката изолација по должина на цевката. Во случај на истекување на топлинскиот медиум или на надворешно оштетување на пластичната обвивка и навлегување на влага во изолацијата, лоцирањето на дефектот се врши со мерење на отпорот на металните проводници. Течењето од дистрибутивната мрежа се лоцира со помош на соодветна апаратура или мануелно, со инструмент со слушалки.

1

Систем за мониторинг

Топлинските потстаници во колективните станбени објекти, како и релативно голем број на деловни објекти, се опремени со систем за далечинско управување и мониторинг на параметрите на топлоносителот. Постојниот систем овозможува поединечна контрола на топлинските станици.

Во рамките на нашите заложби за воведување на нови технологии кои ќе допринесат кон унапредување на квалитетот на услугата и кои ќе го подобрат функционирањето и ефикасноста на системот, во 2015 година беше започнат проектот за замена на постојниот мониторинг систем во топлинските потстаници, со on-line SCADA систем за далечинска контрола и управување. Потребата за замена на стариот мониторинг систем произлезе од неговата неадекватност во поглед на барањата за оптимизација на дистрибуцијата на топлинска енергија  и современите барања за нови функционалности на дистрибутивниот систем.

SCADA системот е одлична алатка за аналитика, поради обемот на податоци кои ги прибира. Ова, заедно вградената опција за креирање на произволни алгоритми на греење, ќе овозможи најточна контрола на внатрешната температура во објектите, согласно барањата на потрошувачите. Исто така, приказот на работата на топлинските потстаници во реално време овозможува навремено алармирање за евентуални проблеми. На тој начин, дефектите се отстрануваат најбрзо и со најмала штета по комфорот на потрошувачите, а се штеди на човечки ресурси, материјал и енергија.

Новите објекти кои се приклучуваат на дистрибутивниот систем, согласно пропишаните технички барања, задолжително се опремени со новиот систем за далечинска контрола и регулација, со што бројката на топлински потстаници вклучени во SCADA системот на крајот на 2020 година се искачи на 243.

Дополнително, преку посебен дел на SCADA системот се врши мониторинг и на 12 шахти, поставени на стратешки места на дистрибутивната мрежа. Овозможена е далечинска манипулација на вентилите на главните водови, нивно преградување и мерење на загубата на вода на поединечните делници. Ваквиот пристап во хидрауличкото испитување на мрежата дава исклучително добри резултати. До сега се лоцирани над 1000 дефекти, а загубата на вода од дистрибутивниот систем е четирикратно намалена.

Затоа, стратешка цел на Друштвото е да продолжи со континуирана имплементација и развој на SCADA системот, поради досега прикажаните позитивни резултати од неговата имплементација. Во наредниот период се планира целосна замена на постојната опрема за мониторинг.

ГИС

Процесот на проектирање на дистрибутивната мрежа е целосно дигитализиран. Целата цевководна мрежа, шахтите и топлинските потстаници се евидентирани во ГИС околина. Ова овозможува точен увид во локацијата на подземните инсталации, што е од интерес и за другите комунални субјекти. Проектантското одделение изработува проекти за магистрални и секундарни водови, приклучоци (за објекти кон мрежата) и проекти за реконструкција на постојни цевководи. Со помош апликација која е специјално развиена за таа намена (врз база на ГИС околината), се вршат симулации на различни сценарија на испорака на топлинска енергија. Добиените информации за хидрауличките и термички карактеристики на дистрибутивната мрежа, се особено важни од оперативен аспект.

8