Систем за мониторинг и контрола


Топлинските потстаници во колективните станбени објекти, како и релативно голем број на деловни објекти, се опремени со систем за далечинско управување и мониторинг на параметрите на топлоносителот. Постојниот систем овозможува поединечна контрола на топлинските станици.

Во рамките на нашите заложби за воведување на нови технологии кои ќе допринесат кон унапредување на квалитетот на услугата и кои ќе го подобрат функционирањето и ефикасноста на системот, во 2015 година беше започнат проектот за замена на постојниот мониторинг систем во топлинските потстаници, со on-line SCADA систем за далечинска контрола и управување. Потребата за замена на стариот мониторинг систем произлезе од неговата неадекватност во поглед на барањата за оптимизација на дистрибуцијата на топлинска енергија  и современите барања за нови функционалности на дистрибутивниот систем.

SCADA системот е одлична алатка за аналитика, поради обемот на податоци кои ги прибира. Ова, заедно вградената опција за креирање на произволни алгоритми на греење, ќе овозможи најточна контрола на внатрешната температура во објектите, согласно барањата на потрошувачите. Исто така, приказот на работата на топлинските потстаници во реално време овозможува навремено алармирање за евентуални проблеми. На тој начин, дефектите се отстрануваат најбрзо и со најмала штета по комфорот на потрошувачите, а се штеди на човечки ресурси, материјал и енергија.

Новите објекти кои се приклучуваат на дистрибутивниот систем, согласно пропишаните технички барања, задолжително се опремени со новиот систем за далечинска контрола и регулација, со што бројката на топлински потстаници вклучени во SCADA системот на крајот на 2020 година се искачи на 243.

Дополнително, преку посебен дел на SCADA системот се врши мониторинг и на 12 шахти, поставени на стратешки места на дистрибутивната мрежа. Овозможена е далечинска манипулација на вентилите на главните водови, нивно преградување и мерење на загубата на вода на поединечните делници. Ваквиот пристап во хидрауличкото испитување на мрежата дава исклучително добри резултати. До сега се лоцирани над 1000 дефекти, а загубата на вода од дистрибутивниот систем е четирикратно намалена.

Затоа, стратешка цел на Друштвото е да продолжи со континуирана имплементација и развој на SCADA системот, поради досега прикажаните позитивни резултати од неговата имплементација. Во наредниот период се планира целосна замена на постојната опрема за мониторинг.