Дистрибуција на топлина БАЛКАН ЕНЕРЏИ започна со интензивно планирање и разработка на проекти за системи за добивање на санитарна топла вода, со искористување на енергијата од системот за централно греење.
Системите за санитарна топла вода, наведени во продолжение, може да се користат во објекти со хоризонтален развод на внатрешната грејна инсталација и со индивидуални мерила на топлинска енергија – распределители во станските ормани, а задолжително да се изведуваат по претходно изработен проект за греење и санитарна топла вода (од лиценцирани фирми).
Вградувањето на системи за санитарна топла вода без проект не е дозволено, заради ризик од нарушување на квалитетот на греењето.
1. Комбинирани бојлери
Со цел дополнително искористување на топлинската енергија од дистрибутивниот систем и заштеда на електрична енергија за бојлерите за загревање на санитарна топла вода за бањите и кујните во објектите, се охрабруваат проектантите на внатрешната инсталација за греење, истата да ја проектираат со вклучување на комбинирани бојлери, а инвеститорите на новите објекти да ги вградуваат.
Ваквиот начин на загревање, покрај заштеда на пари, обезбедува постојано снабдување со санитарна топла вода загреана од системот за централно греење преку ден (06-22 часот), со што се зголемува комфорот на потрошувачите.
Комбинираниот бојлер користи два извора на топлина за загревање на санитарната топла вода – топлиноизменувач (најчесто во форма на цевна спирала) приклучен на внатрешната инсталација за греење и електричен грејач, кој во грејна сезона служи само за догревање на топлата вода.
Бојлерот мора да биде со автоматска регулација, односно интегриран систем за контрола, со цел да се постигне максимална искористеност на топлинската енергија од дистрибутивниот систем за греење, како и да се спречи одлив на топла вода кон грејната инсталација (кога водата се загрева со помош на електричниот грејач). Системот за контрола треба да содржи електромоторен вентил за отварање/затварање на кругот од грејната инсталација, контролер со приказ на температури и команди и температурни сонди.
Во 2015 година Дистрибуција на топлина БАЛКАН ЕНЕРЏИ инсталираше 3 комбинирани бојлери во административната зграда, за задоволување на потребите за санитарна топла вода на вработените, со цел практично да се истражат и оценат заштедите на електрична енергија за време на грејната сезона. Заклучокот е дека за временски период од 5 месеци 70% од потребната енергија за добивање на санитарна топла вода е добиена од енергијата од системот за централно греење.
Деталните препораки за карактеристиките на комбинираните бојлери се наведени во Посебните технички услови за проектирање, изведба и одржување на дистрибутивниот систем.
2. Сончеви колектори
Употребата на сончеви колектори за добивање на санитарна топла вода е уште еден начин за постигнување на заштеди на енергија и пари, и нивната употреба, во комбинација со дистрибутивниот систем за топлинска енергија и со дополнителен електричен грејач, особено се препорачува бидејќи значително ја подобрува исплатливоста на инвестицијата, во споредба со системите за СТВ само со сончеви колектори и електрична енергија. Проектантите на системот за греење се охрабруваат снабдувањето со санитарна топла вода на потрошувачите да го решаваат на овој начин, а инвеститорите да го вградуваат.
Системот треба да биде проектиран на начин на кој ќе биде максимално искористена сончевата енергија, односно таа да биде примарен извор на топлина, а топлинската енергија од дистрибутивниот систем да биде секундарен извор на топлина. Електричниот грејач да служи за догревање по потреба (ноќе и за врвни оптоварувања вон грејната сезона). Ова подразбира сончевиот систем да биде во функција на предгревање на ладната вода од водоводната мрежа, а дополнителните извори на топлина да служат за догревање. Системот ќе биде контролиран со помош на автоматика, со цел да се постигне негова целосна синхронизираност и точност.
Принципиелна шема на решението:
Деталите за овој систем се наведени во Посебните технички услови за проектирање, изведба и одржување на дистрибутивниот систем.