Најчесто поставувани прашања


На која собна температура се загреваат просториите?

Пропишаната собна температура е 20+1 °С, согласно Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење донесени од Регулаторната комисија за eнергетика.

Дали може да се покачи или намали собната температура во станбени згради?

Колективните станбени згради, со согласност од сите станари (или преку заедницата на станари) може да побараат од својот Снабдувач промена на собната температура. Снабдувачот барањето ќе го проследи до Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи, која истото треба да го спроведе. Потрошувачите во индивидуалните станбени објекти, најчесто имаат пристап до своите топлински станици и можат по желба самите да си го регулираат греењето.

Зошто моите радијатори не се “жешки”?

Единствен критериум за квалитетот на греењето е собната температура, а не колку се радијаторите загреани. Температурата на водата во нив се регулира автоматски во топлинската станица, во зависност од температурата на надворешниот воздух. Кога надвор е поладно, потребата за греење на објектот е поголема, па радијаторите се позагреани. Обратно, на потопло, потребно е пропорционално помалку топлинска енергија, за одржување на постојана собна температура.

Имам проблем со греењето. Каде да се обратам и кој треба да интервенира?

Проблемот треба да го пријавите во Центарот за грижа на потрошувачи и наша екипа ќе дојде да провери дали станува збор за проблем во топлинската станица или локален проблем, на едно или повеќе грејни тела (во станот или локалот), и соодветно ќе интервенира или ќе Ве информира каде точно е проблемот и што можете понатаму да преземете, со оглед на тоа дека одржувањето на внатрешната инсталација е ваша обврска.

Плаќам редовно, а немам греење кога надвор малку ќе се стопли. Зошто?

Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, Снабдувачот е должен во периодот од 06-22 часот да ви ја одржува пропишаната внатрешна температура од 20+1 °С. Времето на испорака на топлинска енергија зависи од надворешните услови. Во најладните месеци е најдолга испораката, додека пак во потоплите месеци топланите работат со дневни прекини кога е висока надворешната температура. Условите (надворешна температура, временски услови и сл.) при кои се врши испорака и прекин на работата на топланите се детално објаснети во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење.

Земајќи во предвид дека потрошувачката на топлинска енергија се регистрира на мерилото во топлинската станица и дека според неа се изготвуваат сметките за греење, јасно е дека колку повеќе се греете, толку повеќе плаќате. Периодите кога немате греење (пример кога системот е исклучен на високи надворешни температури), на мерилото не се регистрира енергија, односно сметката која ја плаќате е само за потрошената топлинска енергија. Свесни сме дека има потрошувачи кои би сакале да грееме без прекин, но секако дека има и такви кои се против тоа и сакаат да заштедат повеќе. Сведоци сме за порастот на цените на горивата и енергијата низ целиот свет. Затоа, сите ние мора да посветуваме повеќе внимание на енергетската ефикасност на објектите и инсталациите, односно на разумното користење на енергијата. Во тој контекст, непрекинато греење на високи надворешни температури (кога е непотребно), ќе значи повисока собна температура од пропишаната и повисока сметка за сите корисници. Токму затоа, постојат технички прописи кои го регулираат ова прашање.

Зошто немам греење заради дефект во внатрешна инсталација на друг корисник? Треба да се грејам на струја, а плаќам за парно.

Доколку кај некој корисник се јави течење, а истото не може да се изолира, потребно е да се затвори топлинската станица и да се испразни водата од инсталацијата за да се спречи поголема штета. Внатрешната инсталација е заедничка за сите или за дел од потрошувачите (таму каде има повеќе топлински станици) во еден објект. Радијаторите се поврзани преку систем на цевководи со топлинската станица и затоа кога таа е затворена, ниту еден потрошувач нема греење. Во периодите кога заради ваков дефект немате греење, објектот не троши енергија и вашата сметка ќе биде соодветно помала. Инсталацијата се полни кога потрошувачот, од каде било пријавено течењето, пријави во Центарот за грижа на потрошувачите дека дефектот е отстранет.

Зошто немам греење кога нема струја до топлинската станица?

Пумпите во топлинските станици служат за да се обезбеди циркулација на топлата вода низ внатрешната грејна инсталација на објектите. Тие не можат да работат кога нема довод на електрична енергија до топлинската станица. Согласно Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, станарите се должни да ја доведат електричната енергија до топлинската станица, односно да ги отстранат евентуалните дефекти и да ги плаќаат трошоците за потрошувачката на електрична енергија.

Течење! Што да правам?

Ако течењето е поголемо, задолжително пријавете го на телефонот за рекламации (02) 3076-200, кој работи постојано (24/7) во грејната сезона и во најкраток можен рок ќе дојде дежурната екипа за да го запре течењето. Санирањето на дефектот во внатрешната инсталација не е во надлежност на Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи и за тоа треба да побарате сервисер за внатрешна инсталација. А, доколку станува збор за помало течење (капење, влажење) и интервенцијата не е итно потребна, не мора да го пријавувате течењето во Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи и можете директно да побарате сервисер за внатрешна инсталација.

Сакам да се испразни водата од објектот. Што треба да направам?

Треба да појдете во наплатен пункт на вашиот Снабдувач (Запад, Исток или Центар), да пополните барање и уплатите за испуштање на водата. Барањето ќе биде проследено до Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи и одговорното лице ќе ве контактира за да го договори со вас датумот и времето кога испуштањето ќе се изврши. Во текот на грејната сезона, ваквите интервенции по правило се вршат навечер, по прекин на работата на топланите. Преку ден не се испушта вода затоа што останатите потрошувачи би биле без греење. Вон грејна сезона, рокот на држење на инсталацијата без вода е 7 дена. По завршетокот на Вашата интервенција, должни сте тоа да го пријавите во Диспечерскиот центар на (02) 3076-200, по што нашата екипа ќе дојде и ќе го наполни објектот.

Живеам во станбен објект. Чии се цевките (вертикалите) кои поминуваат низ мојот стан? Дали може да ги исечам ако не се грејам на парно?

Не. Во колективните станбени објекти важат одредени правила на заедничкото живеење. Согласно Законот за домување, составен дел од станбените згради и заедничка сопственост на сите станари се меѓудругото, заедничките инсталации, уреди и опрема. Значи, вертикалите не се ваша сопственост, туку заедничка сопственост на станарите. Доколку ги исечете вертикалите во вашиот стан, директно ќе бидат погодени потрошувачите кои се снабдуваат со тие вертикали. Затоа е недозволено и е казниво со 300 евра глоба по Законот за домување.

Живеам во куќа и имам пристап до топлинската станица. Заради новиот режим на работа на топланите, ноќе добивам греење. Како можам да си го регулирам греењето по сопствена желба?

Имате повеќе опции. Првата е рачна регулација, која по правило се врши на вентил на повратниот цевковод во топлинската станица и голем број на корисници во индивидуални објекти тоа го практикуваат. Втората опција е да инвестирате во регулациона опрема во топлинската станица. Во основа, тоа може да биде ON-OFF вентил со тајмер, кој ќе може да се програмира да отвора и да затвора кога вас ви е потребно и со кој ќе командувате вие – далечински, од соба или на лице место (зависи од изборот). Така би можеле да штедите во периодите кога не сте дома. Имајте во предвид дека вентилот треба да ги задоволува техничките критериуми – притисок до 16 бари и температура до 120 °С, а се монтира на повратниот цевковод на примарниот дел од топлинската станица. Другата варијанта е нешто посложено, но подобро решение, кое се состои од топчест вентил со електромоторен погон и контролер поставен во соба, кој ја мери и одржува постојана внатрешната температура, по ваша желба. Исто така може да се подесуваат и периоди на греење. Ваква опрема можете да набавите од фирми кои се работат со греење.